Насловна arrow За проектот
За проектот Заштита и безбедност на децата и нивните права на интернет Испечати Е-пошта
 
Во најголем дел, интернетот е место кое нуди безброј информации, знаења и забавни содржини, како за децата и тинејџерите, така и за возрасните. Секој може да најде интересни и корисни содржини од многу сфери кои може да ги вгради во својот образовен процес, да надополни празнини во своето знаење од некоја област или едноставно да се информира за некоја тема. Исто така, интернетот нуди различни форми на забава за секого, како и досега невидени можности за комуникација!

Сепак, бројни потенцијални опасности и ризици за приватност и безбедност на неговите корисници реално постојат, особено за приватноста и безбедноста на децата и тинејџерите и нивните семејства.

Децата се особено подложни поради нивната детска отвореност, наивност и неискуство, но и возрасните бидејќи за голем дел од нив интернетот претставува сосема нов и непознат медиум. Затоа, познавање на некои основни правила за внимателно однесување на интернет секому можат да бидат од корист и да му помогнат да се заштити себеси, но и своите најблиски.

Овој веб-сајт е насочен пред сé кон заштита на децата и тинејџерите. Еве кои сé опасности ги демнат овие групи:

  • децата може случајно да налетаат на вознемирувачки содржини или слики на интернет.
  • може несакајќи, наивно како што само тие знаат, да споделат или примат содржини кои може да го изложат детето или приватноста на вашето семејство на опасност.
  • може несакајќи да „ги отворат вратите“ на вашиот компјутер за лоши софтвери кои можат да ги оштетат, избришат или копираат податоците од него. 
  • може да станат жртви на сајбер-насилници кои се обидуваат да ги збунат и заплашат децата преку интернет, а потоа и да ги злоупотребат на некој начин, па дури и психички или физички да ги повредат.
  • уште полошо – децата може незнаејќи да комуницираат со т.н. интернет предатори, кои преправајќи се дека се исто така деца или пак доверливи возрасни луѓе, го користат интернетот за да се спријателат со деца и потоа се обидуваат да договорат средба во живо со нив.

Затоа, свесноста за постоењето на овие опасности, како и активното вклучување во заштитата на децата на интернет, се најбитните работи што можете да ги направите за да го заштитите вашето семејство додека е на интернет.

Овој веб-сајт е дел од проектот CRISP (Children’s Rights on the Internet – Safe and Protected) или Заштита и безбедност на децата и нивните права на интернет, кој го спроведува фондацијата Метаморфозис со поддршка од Европската унија. Целта на проектот е подигање на свесноста за постоечките опасности кои не демнат од интернетот доколку не се научиме правилно да го користиме, едукација како да се заштитиме, како и создавање ресурси со корисни информации за оваа проблематика наменети на децата, тинејџерите, нивните родители и наставници.






 
Политика на приватност   Техничка имплементација - Фондација Метаморфозис
Joomla Templates by JoomlaShack Joomla Templates