Насловна
Испечати Е-пошта
Родители 
 

Совети за безбедно сурфање по интернет мрежата


Што можете да направите вие како родител за да го заштитите вашето дете од опасностите кои го демнат на интернет?


Луѓето кои ги среќава вашето дете на интернет се целосно непознати.
Потсетете го вашето дете дека луѓето кои ги среќава на интернет му се целосно непознати. Објаснете му дека исто како што не треба во секојдневниот живот да ги дава своето име и презиме, адреса, телефонскиот број, локацијата на училиштето или било која друга лична информација на непознати луѓе, така не треба овие податоци да ги дава ниту на луѓето кои ги запознава преку интернет.


Разговарајте со вашето дете за тоа што гледа и што прави кога е на интернет.
Охрабрете го вашето дете да разговара со вас доколку било што на интернет прави да се чувствува непријатно. Кажете му дека може да ви се обрати секогаш кога ќе види или прочита на интернет нешто што прави на кој било начин да се чувствува непријатно (загрижено, засрамено, уплашено или несигурно).


Прашувајте го вашето дете за луѓето кои ги среќава на интернет.
Направете сè што е во ваша моќ да бидете сигурни дека вашето дете ќе ви се обрати токму вам доколку сака да запознае во живо некое лице со кое комуницира преку интернет.


Ако вашето дете реши да запознае во живо лице кое го познава само преку интернет – на средбата мора да оди во придружба на доверлив возрасен!
Дефинирајте јасно правило дека вашето дете може да оди на средба во живо со човек кој го запознал преку интернет само ако со него оди и еден од родителите или некој друг одговорен возрасен во кој имате доверба.


Договорете се дека може да праќа лични информации по имејл само откако ќе се консултира со вас.
Објаснете му на вашето дете дека не е безбедно да праќа фотографии од себе или било кои други лични податоци по имејл без претходно да се консултира со вас дали е во ред. Објаснете му дека како што е важно вие како родител да ги познавате неговите пријатели и да знаете што прават тие кога се заедно, исто така е важно да разговара со вас пред да започне пријателство со некое непознато лице на интернет. 


Комуницирајте често со вашето дете за разговорите што ги води и пораките што ги добива преку интернет.
Охрабрете го вашето дете да разговара со вас за било какви пораки кои ги добива преку интернет, а кои му се чинат  злонамерни или на било кој начин прават да се чувствува непријатно. Уверете го вашето дете дека не е тоа виновно ако добива такви пораки. Поттикнете го да ви се довери и потсетете го дека вие сте секогаш на негова страна.


Утврдете јасни домашни правила за употреба на интернетот.
Како што правите и со другите медиуми (телевизијата, на пример) поставете јасни правила и за употребата на интернетот во вашиот дом. Бидете јасни во однос на правилата и вашите очекувања и објаснете му на вашето дете дека вие сакате тоа да користи интернет, бидејќи интернетот е навистина прекрасен извор на информации и забавни содржини. Нагласете дека правилата ги поставувате единствено за да му овозможат безбедно да го користи интернетот.
 
Политика на приватност   Техничка имплементација - Фондација Метаморфозис
Joomla Templates by JoomlaShack Joomla Templates