Насловна
Испечати Е-пошта
Наставници

 
Улогата на наставникот во заштита на децата на интернет 
 
Покрај родителите, и наставниците во училиштата треба да се грижат за безбедноста на децата додека се на интернет. Бидејќи повеќето училишта имаат безбедносни системи кои ги блокираат несоодветните и штетните содржини до компјутерите во компјутерски опремените училници, примарна грижа на наставниците треба да биде надгледување на активностите на децата додека се на интернет и создавање позитивни навики во користењето на интернетот. Сепак, децата користат интернет и надвор од училиштата: дома, во интернет клубови, кај другарчињата итн. Затоа, од витално значење е безбедното користење на интернет во сите услови.
 
За таа цел, наставниците треба да бидат подготвени, пред сè, да им помогнат на децата во правилно градење на нивните навики и култура на интернет-корисници, на начин кој ќе им овозможи непречено користење на благодетите на овој медиум, без ризик! Исто така, наставникот треба секогаш да биде на располагање на ученикот кој искусил некаков проблем или непријатно доживување од неадекватна содржина или непријатен контакт на интернет и да направи сé што е во негова моќ да го заштити и да му помогне. Истовремено, наставникот треба да им помага и на родителите во едукацијата на нивните деца која треба да се состои во истакнување на позитивните страни на интернетот, но и во предупредување за потенцијалните ризици кои можат да произлезат од неговото неправилно користење.

Да се биде паметен на интернет значи да се биде внимателен и да се побара помош доколку е потребно. Она што треба да се постигне преку вашата работа е на децата да им помогнете да стекнат добри навики за користење на интернетот кои ќе ги прифатат и негуваат во иднина. Во таа смисла, посебно е важно да ги разберат нивните позитивни аспекти. Целта не е да им се забрани користењето на интернетот во надеж дека така ќе бидат безбедни. Тоа не само што ќе има сосема спротивен ефект врз децата, туку и ќе им затвори еден досега невиден „прозорец“ кон светот на информациите од сите можни области. Ако на децата им кажете „никогаш немојте да ги користите можностите на интернетот затоа што на интернет постојат и бројни опасности“, ризикот е дека ќе сакаат да ги користат што повеќе и тоа на неправилен начин. Целта е да ги подучите правилно да го користат - дури тогаш безбедно ќе ги користат благодетите на овој прекрасен медиум.

Најважно е децата да сфатат дека треба да се однесуваат одговорно додека се на интернет. Интернетот навистина нуди многу за сите, па и за децата, но тие мора да научат како да го искористуваат неговиот потенцијал и истовремено да останат безбедни додека се онлајн.

Како едукатори, најважно е да им посочите на вашите ученици дека мора да бидат безбедни и одговорни додека ги користат новите технологии. Во ова ќе успеете доколку помогнете секое дете да научи да ги препознава и минимизира трите главни ризици кои се поврзани со сите технологии за меѓусебно поврзување (ај под музички плеери, инстант пораки, чет, компјутерски игри, играчки конзоли, мобилни телефони, текст пораки, веб камери и сл.)
 
Трите главни ризици се:

Несоодветни контакти – Учете ги децата да ги препознаваат сајбер измамниците, хакерите, крадците на информации и предаторите и да се заштитат од контакти со нив. Кажете им дека луѓето не се секогаш такви како што се претставуваат на интернет. Интернетот е место за подобрување на постоечките врски, а не место за среќавање нови луѓе.

Несоодветни содржини – Ова се однесува на содржините кои децата ги гледаат додека се на интернет, како и на оние кои тие ги оставаат. Помогнете им на децата да сфатат дека интернетот е засекогаш: сé што ќе постават онлајн се бележи и зачувува и тоа може да ги следи во нивните идни интервјуа за работа како и при аплицирање на факултет.

Несоодветно однесување
– Бидејќи веб средината може да дава чувство на анонимност, многу деца стануваат послободни кога се онлајн. Учете ги децата дека интернетот е јавен форум: анонимноста е мит. Помогнете им да бидат добри личности онлајн како што се кога се офлајн. Појаснете им дека правилата за добро однесување кои важат во секојдневниот живот важат и во онлајн средината.
 
Штом еднаш децата ги сфатат овие ризици, трите едноставни правила ќе ги одржуваат безбедни онлајн.
 
Наставниците треба и да им помагаат на родителите. Може да им посочуваат материјали преку кои возрасните ќе можат да се запознаат со вистинските активности со кои децата најчесто се занимаваат додека се онлајн. Голем дел од материјалите и потребните информации можат да се најдат на овој веб-сајт.
  
 
 
 
Политика на приватност   Техничка имплементација - Фондација Метаморфозис
Joomla Templates by JoomlaShack Joomla Templates