Интернет
 
Закани по нашата безбедност постојат каде и да сме – на работа или на училиште, дома или во трговскиот центар, во парк, на игралиште или пак на интернет. Сепак, тие закани се поизразени на интернет, во онлајн-средината, затоа што таму обично не можеме да видиме со кого комуницираме, веројатно не знаеме кој ја обезбедил информацијата што ја читаме, а и зад квалитетот на содржините честопати не стојат познати издавачи или уредници. Со цел да компензираме за овие недостатоци на интернетот, од особена важност е да ги развиеме нашите информатички вештини и писменост и да се однесуваме внимателно кога сме онлајн.

Колку и да звучи чудно, многу луѓе на кои на крај на памет не им паѓа да ги остават своите домови со отклучени прозорци или врати, стануваат потполно невнимателни кога се на интернет! Младите честопати зборуваат за тоа дека кога комуницираат преку интернет или преку мобилен телефон ги губат сите инхибиции кои вообичаено ги имаат кога комуницираат лице в лице со некого. Нивното однесување онлајн е сосема различно и многу послободно отколку офлајн (кога не се на интернет).

Кај луѓето генерално постои тенденција да се однесуваат помалку одговорно кога се на интернет бидејќи сметаат дека таму имаат поголема анонимност. Многу мал дел од нив сфаќаат дека сите активности на интернет остануваат забележани некаде на интернет мрежата и можат да се следат. Неодговорното однесување на интернет покренува голем број прашања поврзани со безбедноста, почнувајќи од заплашувањето преку интернет и ризичните контакти преку чет-каналите, до измами кога се купува или се прават други трансакции преку интернет.

Што можете да направите за да го извлечете најдоброто од интернетот, а сепак да ги избегнете овие замки кои постојат онлајн? Најпрво – научете нешто основно за интернетот и тоа за што и како тој се користи.


Основни поими за интернетот


Интернетот односно интернет мрежата, е широка и сеопфатна мрежа која ги поврзува луѓето и информациите од целиот свет преку компјутерите. Понекогаш се нарекува и „автопат на информации“.

World Wide Web или WWW е дел од интернетот кој вклучува слики, звуци и текстови.

Онлајн (online) значи да се биде поврзан на интернет. Секогаш кога сте поврзан на интернет вие сте онлајн.

Сурфање по интернет значи да се пребаруваат и бараат информации кои може да се најдат на интернет.


Додека вие или членовите на вашето семејство сурфате на интернет, многу е важно да имате на ум неколку работи:
  • Информациите кои се објавуваат и појавуваат онлајн обично не остануваат приватни.
  • Луѓето кои ги среќавате онлајн не се секогаш такви кави што се претставуваат на интернет.
  • Било кој може да објави било каква информација на интернет.
  • Не треба да верувате во се што ќе прочитате онлајн.
  • Вие или некој од членовите на вашето семејство може неочекувано и ненамерно да наидете на содржини на интернет кои се навредливи, насилни, порнографски (вклучувајќи ја и детската порнографија), непристојни, расистички или шовинистички. 



Комуникација преку интернет


Постојат неколку начини на кои луѓето можат да комуницираат меѓу себе преку интернет. Имајте на ум дека информациите што се наоѓаат на интернет не се секогаш прикладни за деца и тинејџери. Во исто време, информациите кои се пласираат на интернет не се секогаш надгледувани и невозможно е во целост да се контролираат.

Еве неколку начини на кои луѓето комуницираат преку интернет:

Блог
Блогот е онлајн дневник или журнал кој може да содржи и фотографии. Тие може да се најдат на сајтовите за социјално вмрежување (англ. Social networking) кои се се по популарни. Во последно време стануваат дури по популарни и од чет-собите (chat room). Некои статистички податоци кажуваат дека во информатичкото општество секое трето дете има свој блог, веб-сајт или профил на некој од сајтовите за социјално вмрежување.

Чет-рум (онлајн „соби“ за разговор)
Чет-румс или слободно преведено – „соби за муабетење“ се начин на кој голем број компјутерски и интернет корисници комуницираат меѓу себе во „реално време“. Разговараат со допишување во „реално време“. На пример – ако на тастатурата напишеш порака и во истиот момент ја пратиш во чет-рум-от, сите кои се таму во тој момент (без разлика каде физички се наоѓаат) ќе можат да ја прочитаат и да одговорат во истиот момент. Постои можност двајца корисници присутни во еден чет-рум каде што има повеќе луѓе, да се договорат и издвојат на посебен чет каде што ќе разговараат на само односно „во четири очи“.
Најпозната апликација која кај нас се користи за чет е мИРЦ (mIRC).

Имејл или електронска пошта (e-mail)

Тоа се пораки кои се испраќаат и примаат електронски меѓу компјутери.

Инстант пораки (IM – Instant messaging)
Кај нас се користат повеќе сервиси за инстант пораки, а најпопуларни се ICQ, Skype, GoogleTalk, MSN Messenger, Yahoo!Messenger и други. Тие служат исто така за праќање и примање пораки преку интернет  во „реално време“.


Сурфање (пребарување на интернет) 

Кога се приклучувате на интернет, понекогаш имате на ум некоја конкретна веб-адреса која сакате да ја посетите, но понекогаш едноставно пребарувате по мрежата исто како што правите кога одите во библиотека или кога прелистувате некој каталог. Ова честопати се нарекува „сурфање“ по мрежата.

Постојат повеќе начини да се најде некоја информација на интернет мрежата, но следниве се најчесто користени:

  • Веб-адреса – Секој веб-сајт има своја единствена веб-адреса. Со впишување на таа адреса во просторот предвиден за тоа, вашиот веб-прелистувач ќе ве однесе на тој сајт. Уверете се дека ја впишувате точната адреса бидејќи доволно е да згрешите само една буква или карактер во пишувањето и прелистувачот ќе пријави грешка или пак ќе ве однесе на сосема друг веб-сајт. Од последните три букви од адресата можете да дознаете за каков вид на организација или компанија станува збор или каков тип на организација или компанија го поставила тој веб-сајт. На пример: .gov (англ. government – мак. влада, означува владина институција), .org (непрофитна организација), .edu (академска или образовна институција), .com (комерцијална).
  • Линкови (или хиперлинкови) – Многу често веб-сајтовите водат (линкуваат) до информации на други веб-сајтови. Со кликање (стискање) на означениот дел на веб-сајтот (текст или слика) кој се нарекува линк (од англискиот збор „link“ што значи „врска“) може да се поврзете со друг веб-сајт без да ја впишувате неговата веб-адреса во прелистувачот. 
  • Пребарувачи – Пребарувачите се програми кои ви овозможуваат да пребарувате по интернетот со користење на клучни зборови и теми. На пример, за да најдете информација за Александар Македонски едноставно пишувате „Александар Македонски“ во прозорчето предвидено за тоа во пребарувачот. Потоа стискате „Пребарувај“ или „Search“ или едносатвно стискате на копчето Enter. Ќе ви се појави листа од повеќе веб-сајтови каде што се спомнува неговото име за да одберете што сакате да читате. Најчесто користени пребарувачи се Google (www.google.com), Yahoo! (www.yahoo.com), Ask (www.ask.com), потоа македонскиот Најди! (www.najdi.org.mk), но постијат и многу други.


Имајте на ум!

Интернетот е дефинтивно корисен и бесконечен извор на информации и совети, но не можете да верувате во се што ќе прочитате на интернет мрежата. Секој може да објавува информации на интернет па поради тоа - не може во се да се верува. Некои луѓе и организации се многу внимателни во однос на точноста на информациите што ги објавуваат, но некои не се. Некои пак дури и намерно пласираат погрешни информации.

Кога пребарувате на интернет, започнете со пребарување на веб-сајтовите на кои најмногу им верувате и од таму продолжете понатаму да „чепкате“ по информациите. 

Еве нешто повеќе за тоа како може да препознаете на кој веб-сајт да му верувате, а на кој не... (прочитај).