Потпишан Меморандум за соработка за проектот „Час по приватност“ меѓу ДЗЛП и Град Скопје
memorandum-dzlp-grad-skopje.jpg
На 04.09.2014, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорот на Дирекцијата за заштита на лични податоци, Димитар Ѓеорѓиевски, во Салата на Советот на Град Скопје, потпишаа Меморандум за соработка за реализација на проектот „Час по приватност“.

- Градот Скопје како надлежен за 21 средно училиште на своето подрачје, преку Програмата за работа на секторот за образование, реализира многубројни активности и проекти со цел квалитетно одвивање на воспитно-образовниот процес како и подигање на квалитетот на образованието во целост. Денес сме тука да ја поддржиме реализација на проект насловен „Час по приватност“, којшто е, исто така, од големо значење за сите активни чинители вклучени во воспитно-образовниот процес. Со брзиот развој на информатичко-комуникациските технологии, високиот степен на развој на социјалните мрежи, интернетот и други форми на комуникации, се разви потреба од воведување на мерка за примена на концептот на заштита на личните податоци и правото на приватност во образовниот процес, како и разработка на темата за заштита на приватноста, тајност на комуникација, тајност на писма, говор на омраза, и однесување на социјалните мрежи. Една од генералните причини што, Градот Скопје се вклучува во еден ваков проект и во целост даваме поддршка за реализација, се податоците добиени од проектот за набљудување на криминалот од омраза на Македонскиот Хелсиншки комитет, според кој во 2013 година биле регистрирани 116 злосторства од омраза, а најчести сторители и жртви се токму малолетниците. Околу 72% од вкупниот број на регистрирани инциденти се случиле во Скопје и општините околу главниот град. Ценам дека проектот „Час по приватност“ кој се предвидува да се реализира во сите средни училишта на Град Скопје, и ќе вклучи теми за заштита на личните податоци, препораки за безбедно користење на социјалните мрежи, неширење на говор на омраза и слично, претставува почеток на заедничките активности меѓу Град Скопје и Дирекцијата за заштита на личните податоци, активности кои ќе бидат насочени целосно во насока на едукација, а резултатите треба да придонесат кон сузбивање и превенција од злоупотреби на личните податоци на интернет, на социјалните мрежи, како и намалување на бројот на регистрирани злосторства од омраза. Ова секако е важно прашање кое треба да обезбеди одржливост во контекст на долгорочно образование на прашањата поврзани со заштита на приватноста и заштита на личните податоци, бидејќи овие прашања се комплексни и не засегаат сите нас. – истакна градоначалникот Трајановски. 

Убеден сум дека спроведувањето на овој проект ќе ги исполни очекуваните резултати односно квалитетно подигање на свеста и промовирање на правото на приватност, и воедно ќе придонесе за создавање на одржлив систем за воведување на концептот на заштита на личните податоци, како во образовниот процес така и за сите граѓани на Република Македонија – додаде градоначалникот Трајановски. 

Со потпишувањето на овој Меморандум се потврдува одличната соработка и се утврдуваат заедничките активности поврзани со реализацијата на проектот „Час по приватност“, кој во следниот период ќе се спроведе во средните училишта во Град Скопје. 

Директорот на Дирекцијата за заштита на лични податоци, Димитар Ѓеорѓиевски, го изрази своето задоволство за поддршката што Градот Скопје ја дава за проектот „Час по приватност“, и истакна дека Дирекцијата континуирано спроведува иницијативи и проекти за подигање на јавната свест, особено кај целните групи опфатени во образовниот процес. 

Причина за реализација на овој проект беа се поголемиот број претставки што ги добиваме за злоупотреба на личните податоци на социјалните мрежи, за нарушување на приватноста, како и статистиката која говори во прилог на непознавање на политиките за приватност од децата, родителите и од наставниците. Сметам дека само преку вакви иницијативи и проекти ќе можеме да ја доближиме материјата и комплексноста на темите, со што ќе се овозможи едукација н повеќе целни групи во воспитно-образовниот процес. Нашите инспектори и едукатори ќе одржат предавања во сите средни училишта со што ќе пренесат знаења на 21 директор на средно училиште, 40 едукатори од педагошко-психолошкиот сектор, 1000 класни раководители или наставници и околу 80 000 ученици и родители. - рече Ѓеоргиевски.

Ѓеорѓиевски, исто така, потенцираше дека градењето капацитети на наставниот кадар од областа на заштита на личните податоци и едукацијата на овие теми, воопшто не е лесен процес, но се надева дека со вложениот напор ќе се изградат механизми за воведување на правото за заштита на личните податоци во образовниот процес и ќе се изгради демократско општество ослободено од прекршоци кон правото на приватност. 

На потпишувањето на меморандумот за соработка за реализација на проектот „Час по приватност“, присуствуваа претставници од НВО, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, директори и наставници од средните училишта на Град Скопје. 

Фондацијата Метаморфозис е партнер во реализацијата на овој проект.